Десетта охридска ПЕН конференција, 13-16 септември, 2007 г.
Десеттата Охридска конференција на Македонскиот ПЕН се одржа од 13 до 16 септември во хотелот „Милениум палас“ во Охрид. Нејзиното одржување се совпадна со 45-годишнината од формирањето на Македонскиот ПЕН, која исто така беше одбележана во Охрид.
На конференцијата учествуваа 42 учесници, од кои 19 од странство. Од Македонија учествуваа: Ристо Лазаров, Вера Чејковска, Катица Ќулавкова, Георги Старделов, Матеја Матевски, Мето Јовановски, Влада Урошевиќ, Димитар Башевски, Санде Стојчевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Васе Манчев, Али Алиу, Иван Џепароски, Светлана Христова Јоциќ, Бранко Цветкоски, Ресул Шабани, Елизабета Шелева, Разме Кумбаровски и Димитрие Дурацоски. Учесници од странство беа: Каролина МекКормик (Меѓународен ПЕН), Џозеф-Мариа Терикабрас (Меѓународен ПЕН), Ватјо Раковски, Стефан Мицов Влахов (Бугарија), Паул Билбао Сариа (Баскиски ПЕН), Агим Ѓакова (Косово), Шавкат Исмаил Хасан (Курдски ПЕН), Бенте Кристенсен (Норвешка), Казимиро де Брито (Португалија), Иво Фрбежар (Словенија), Александар Гаталица (Србија), Кари Клемела (Финска), Филип Пујас (Франција), Гига Грачан и Сибила Петлевски (Хрватска), Тери Карлбом (Шведска), Роди Горман (Шкотска), Ентела Сафети Каси (Албанија) и Патрициа Ваското (Италија).
Конференцијата започна на 13 септември вечерта, со поздравно обраќање на претседателот на МАНУ Цветан Грозданов и со свечен прием за учесниците на Конференцијата.
На 14 септември се одржа разговор на тема „Литературата и возвишеното“. Воведничар и медијатор беше Иван Џепаровски, а во разговорот учествуваа: Филип Пујас, Ватјо Раковски, Санде Стојчевски, Стефан Влахов Мицов, Шафкат Исмаил Хасан, Агим Ѓакова, Роби Горман, Али Алиу, Георги Старделов, Томислав Османли и Разме Кумбаровски.
На 14 септември вечерта – по разгледувањето на Охрид - во црквата Св. Софија се одржа меѓународно поетско читање, посветено на десетгодишнината на Охридската конференција и 45-годишнината на Македонскиот ПЕН. Пред почетокот на читањето, на почесните претседатели на Македонскиот ПЕН Георги Старделов, Матеја Матевски, Мето Јовановски, Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова и Димитар Башевски им беа врачени признанија. На читањето настапија учесници на Конференцијата од повеќето земји: Сибила Петлевски (Хрватска), Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова, Вера Чејковска, Бранко Цветкоски, Ресул Шабани, Ентела Сафети Каси, Патрициа Ваското, Роди Горман, Казимиро де Брито и Иво Фрбежар.
На 15 септември се одржа состанок на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН на кој беа разгледани актуелните тековни прашања од работата на Комитетот. Претседаваше Катица Ќулавкова, претседател на Комитетот.
Беше промовиран и најновиот број на Ревијата на Македонскиот ПЕН (промотор Вера Чејковска), како и книгата The Linguistic Rights of Minorities во издание на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН.
Попладнето на 15 септември учесниците го разгледаа Свети Наум.
Во текот на конференцијата беа реализирани сите програмирани активности, а учесниците задоволни го напуштија Охрид.
Одржувањето на Конференцијата беше адекватно проследено и од македонските медиуми.






