СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
13.01.2010
На неодамнешното годишно собрание, Македонскиот ПЕН Центар ги осуди најновите притисоци, уцени и напади врз националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонскиот народ. Реафирмирани се и актуализирани познатите и континуирани ставови на оваа организација во врска со наметнатиот спор околу името на нашата држава.
Управниот одбор на Македонскиот ПЕН Центар ја потсетува домашната и меѓународната јавност дека уште на 2 декември 1992 година, на 58-от конгрес во Рио де Жанеиро, Меѓународниот ПЕН донесе посебна резолуција, која беше и прв документ воопшто на една меѓународна организација со кој се признава правото на македонскиот народ на сопствено име, јазик и култура. Во оваа резолуција децидно се вели: ,,Во согласност со претходните резолуции на Меѓународниот ПЕН за македонското прашање, 58-от конгрес на ПЕН го призна постоењето и високите достигнувања на македонската литература и култура воопшто. Освен тоа, Меѓународниот ПЕН ги поддржува напорите на македонскиот народ да заземе свое сопствено место во меѓународната заедница и основното право на оваа нација – да го носи името што со векови го употребувала, Македонска”.
Исто така, Управниот одбор на Македонскиот ПЕН потсетува и го реафирмира Апелот од 2000 година, со кој Македонскиот ПЕН од македонското државно раководство побара да ги преземе сите неопходни дипломатски и процедурални мерки за отпочнување на постапка за преиспитување на законитоста на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН, во делот кој се однесува на привремената референца и обврската за преговори со друга држава за сопственото уставно име.
Последнава деценија и пол на Охридската конференција на Македонскиот ПЕН, низ Комитетот за јазични права чиешто седиште два мандати беше во Скопје, во повеќе наврати и на различни начини е актуализирано ова прашање, при што се усвојувани посебни заклучоци и резолуции кои се проследувани до сите ПЕН центри во светот и до надлежните меѓународни институции.
Пролетта 2008-та година Македонскиот ПЕН уште еднаш им ги презентираше своите становишта на Бордот на Меѓународниот ПЕН, на сите ПЕН центри во светот, како и на повеќемина познати писатели и интелектуалци во светот. Од нив беше побарана и добиена поддршка и уште една потврда на веќе познатите ставови на Меѓународниот ПЕН. ,,Македонскиот народ има право да го носи и употребува името Македонија и да се нарекува македонски”, констатира уште еднаш Бордот на Меѓународниот ПЕН со седиште во Лондон. Слични пораки Македонскиот ПЕН доби и од повеќе ПЕН центри од светот, a во меѓувреме становиштата на Македонскиот и на Меѓународниот ПЕН се афирмирани и низ бројните билатерални средби на членовите на Македонскиот ПЕН.
Македонскиот ПЕН центар и денеска ја изразува својата длабока загриженост и енергично одбивајќи ги сите посегања врз македонскиот национален, културен и јазичен идентитет, очекува да продолжи силната меѓународна поддршка што е изградена во структурите на Меѓународниот ПЕН во врска со ова прашање од витално значење за македонскиот народ, неговата култура, јазик и книжевност, но исто така и за опстанокот на културната разноликост во светот.
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ПЕН
Ристо Лазаров






