Беседа по повод Светскиот ден на поезијата – 21 март

ПОЕТИ НА СТОЛЧЕНО ПЛЕМЕ

Почитувани, добро е што во овој толку антипоетски свет постои ден посветен на поезијата. Што да кажеме за оваа уметност денес, кога и по две столетија откако е изречено уште посилно одекнува Хелдерлиновото прашање – јанѕа: чуму поети во скудно време. Во време без Бог, не затоа што Тој не постои, туку затоа што Него човекот го загубил во себе и така останал на беспатица, заглавен во калта на историјата. Во време во кое владеат силните и богатите, а страдаат нежните и сиромашите, кога капиталот на еден моќен капиталист од Европа или Америка е колку буџетот на една сиромашна африканска држава, или и на неколку од нив. Системот што му го наметна Западната цивилизација на светот, чија примарна цел е материјалниот профит, не обѕирајќи се на суровиот макијавелистички метод со кој го остварува истиот, не е ни најмалку среќен за човекот и човештвото. Тој го измисли колонијализмот, кого во денешниот систем на глобализација го доразвива на еден поинаков, пософистициран начин, со економско ропство. Понижен е човекот. Но од човекот. Не од животните, растенијата и елементите, кои се невини и кои исто така се негови жртви во еколошката катастрофа што ја подготвува тој. Во ситуација сме да размислуваме, гледајќи ги златата на оваа убава планета, дека низ нив многу поубаво и подлабоко, поисконски се манифестира принципот на божественото, отколку кај човекот, кој некогаш навистина бил божјо создание, но сега, таков каков што е, треба да застане пред огледало и да се запраша кој е за да си го пронајде загубеното лице.

Има многу прашања-несоници на кои нема одговор, кои се простираат во метафизички хоризонт со проколнатнички судбински одек. Седнат на средина од историската ноќ и осветлен со ламбата на својата песна, со која, да го парафразирам Андриќ, како Шехерезада со приказните сака да го залаже крвникот и да го одложи погубувањето, поетот прашува: Прашува: зошто на едно јагне цела глутница волци му се паѓа во распоредот на нештата? Зошто најневиниот од сите пострада на Голгота и зошто од тогаш наваму невиноста на губилиште се изведува? Зошто неутешно липа Вистината во темницата на животот и зошто, наместо неа, лагата минува со лавров венец на челото низ светот што и ракоплеска? Зошто на она што е најмало и нежно понекогаш му се доделува да пренесе најголем товар на судбината на грб? Дали знаеше Таткото Небесен кога ги создаваше Ева и Адам, дека таа глина ќе воздивнува и страда, дека ќе ја насели болката и дека ништо потажно и поболно од тоа никогаш нема да биде? Зошто е изведена на губилиште Љубовта, кога е таа, како што знаеме, најголемата сила на Бога? Зошто човекот се откажал од неа, и камењата, наместо тој, се нејзини апостоли сега? Кога ќе се извини човекот за навредата кон животните, кои се исконски невини и кои не можат да ги преземат на Страшниот Суд неговите ѕверства врз себе? Зошто наместо подвигот и храброста, кукавичлакот и подлоста го посетуваат бојното поле денес? Зошто, оставајќи ги осамени, орото од кај девојките се враќа на патерици и тажно? Зошто лавровото венче, полно со слава, во кал е фрлено сега и не може во овој хаос челото на јунакот да го најде?

Прашања. Како веавица прашања-јанѕи. А нема одговор. Само слана капе врз цвеќето, само пропаѓаат нежноста и убавината во грубиот свет. Поетот стои во прашања. Човекот стои во прашања. И пак моќниот одек, како судбинско de profundis, на Хелдерлиновото прашање: чуму пости во скудно време! А потребни му се поетите на времето токму затоа што е такво. Скудно. За да го оплодат однатре со духовно семе, и да го збогатат со божествени плодови. За нас, пак, во оваа малечка и изнастрадана земја, денес на овој поетски сведен е неодбегливо, можеби и средишно, прашањето кое во една своја песна во форма на констатација го има загатнато Конески: што значи да се биде поет на столчено племе? Такво какво што е нашето. Несомнено дека е тоа света задача, која му наложува на поетот етички императив да биде светилка на својот народ во неговата историска беспатица и судбина. Имено, поради тоа поверојатно е дека поетите на малите и столчени народи се понапред благословени, отколку проколнати. Ним им е дадено да ги изнесат од темница на видело Љубовта, Вистината и Правдата. За нив поезијата не е естетска играчка, како за некои други, туку е судбинска: извира директно од судбината.

Денес ние во Македонија директно ја чувствуваме, легната врз нашиот грб, судбината на столчено племе, или народ. Ја чувствуваме како сопствена рана сета морална и етичка хипокризија на Западната цивилизација. Ја чувствуваме нејзината гилотина, еден од пронајдоците на нејзината демократија, над нашето теме на кое од искони, дадено од Бога, ни е запишано Името. Сакаат да ни го сменат Името, да ни го избришат идентитетот за кој сведочат моќно и страниците на Стариот и Новиот Завет од Библијата и врз кој ставил свој печат Создателот. Со геноцидната страст и замисла кон нас, нашиот јужен сосед кој себе се смета за лулка на европската демократија сега станува лулка на неофашизмот, на модерното софистицирано варварство. За жал лицемерната и бирократска бриселска Европа му угодува на тоа варварство, наместо отворено да го осуди и да застане на страната на правдата и вистината. Но наша должност, на поетите, на сите е да го од браниме името. Никаква запирка, никаква придавка пред него или зад него. Тоа е чиста јатка, атом, знак, златен печат во Книгата на Животот. Никој нема право да си игра со него. Тој кој не знае што е тоа Име, има сериозен дефект во битието. Треба да го сочуваме Името такво какво што ни го подарил Создателот. Во спротивно, како ќе му објасниме на Апостол Павле, кога повторно ќе ни посети, која е оваа земја и кои сме ние. Тоа! Империите и воените сојузи се распаѓаат. Името останува.

Ние сме во тешко искушение, во неблагонаклонета судбина. Но затоа низ темната историска ноќ, како и низ многу столетија досега, мора да се пробиваме стоички и со песна. Како сите столчени и понижени племиња. Затоа и ова поетско послание ка светскиот ден на поезијата е послание-крик, макар истиот одекнувал во пустина. Можеби ќе го чуе некој столчен и понижен како нас и ќе го охрабри, дека не е си загубено, дека ќе блесне зракот на правдата за да ја потсили Надежта за рамноправно место под сонце со силните и силниците. А Надежта, заедно со Љубовта, и е сестра на Поезијата. Затоа нека живеат до крајот на светот и потоа! Надежта, Љубовта и Поезијата. Нивниот извор е свет и тие се едно од последните прибежишта на изгубениот човек на обесветената модерна цивилизација. Пред си Западната.

Ефтим Клетников

 

hosted by

Copyright © Macedonian P.E.N. Centre, 2004.
All rights resreved

created by