Деветта охридска ПЕН конференција, 14-17 септември, 2006 г.
Од 14 до 17 септември 2006 година, во Охрид, Република Македонија, се одржа Деветтата охридска ПЕН конференција. Во рамки на Конференцијата, се одржа и состанок на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН. Конференцијата работеше на тема Spiritus loci. Оваа година на Конференцијата зедоа учество 28 претставници на ПЕН центрите од светот, а исто така и македонски писатели, членови на Македонскиот ПЕН центар, кој е организатор и домаќин на овој настан. Меѓу учесниците во Охрид, беше и генералниот секретар на Меѓународниот ПЕН, госпоѓата Џоан Лидом-Акерман.
Пред официјалното отворање на Конференцијата, учесниците ги прими претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Љубиша Георгиевски. Г-нот Георгиевски им го укажа своето гостопримство на сите учесници на Конференцијата, истакнувајќи ја важноста на оваа средба, зближувањето и соработката меѓу различните култури и литератури, овозможени и реализирани од страна на Македонскиот ПЕН центар.
Конференцијата ја отвори Димитар Башевски, претседател на Македонскиот ПЕН центар. По поздравот и излагањето на Башевски, присутните учесници на тркалезната маса ги поздрави и генералниот секретар на Меѓународниот ПЕН, госпоѓата Џоан Лидом-Акерман. По свеченото отворање на конференцијата, на темата Spiritus loci зборуваа повеќемина учесници од ПЕН центрите од светот, како и македонски писатели и тоа: Ентела Каси, од Албанскиот ПЕН, гостинот Стефан Влахов-Мицов од Бугарија, М.А.Б. Сидик, од Бангладешкиот ПЕН центар, Агим Ѓакова од Косовскиот, Зураб Алоиан, од Курдскиот, Рафаел Њуман од швајцарско-германскиот и др. А од македонските учесници на темата со свои излагања настапија Јелена Лужина, Иван Џепароски, Влада Урошевиќ и Катица Ќулафкова. Излагањата и дискусијата беа на високо ниво.
По завршувањето на тркалезната маса беше промовирано македонското издание на романот „Свадбата во Охрид” од холандскиот писател Ден Долард.
Во текот на Конференцијата, во црквата Света Софија во Охрид беше претставен творечки портрет на македонскиот поет Матеја Матевски и беше одржано меѓународно литературно читање. По овој повод, за Матеја Матевски, свое излагање имаше академик Ката Ќулавкова, на француски јазик и д-р Елизабета Шелева, на англиски јазик. На оваа богата вечер, која почна со настап на хорот на КУД „Стив Наумов” од Битола, присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Љубиша Георгиевски, како и специјалниот претставник на Европската комисија во Република Македонија, г. Ерван Фуере.
На состанокот на Комитетот за превод и јазични права, посебен акцент беше ставен врз прашањето за правата на јазиците на малцинствата. По завршувањето на овој состанокот, на вториот ден од Конференцијата, беше промовиран и најновиот број на Ревијата на Македонскиот ПЕН центар, кој донесува антологија на македонскиот расказ на француски јазик, приредена од академик Ката Ќулавкова.
Учесниците на Деветтата Охридска ПЕН конференција, во текот на одржувањето на конференцијата ги разгледаа и знаменостите на Охрид, а по завршувањето на сите работни активности, учесниците отидоа со брод на излет до Свети Наум.






