Македонски П.Е.Н. Центар
Максим Горки 18
1000 Скопје,
Република Македонија
Тел./Факс: + 389 91 - 130 054
e-mail:
Cette adresse email est protégée contre les robots des spammeurs, vous devez activer Javascript pour la voir.
Website: www.pen.org.mk
До
Претседателот на Република Македонија
Претседателот на Собранието на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија
Претседателството на Македонскиот П.Е.Н. Центар (во проширен состав), во согласност со Повелбата на Меѓународниот П.Е.Н., на седницата одржана на 17. 02. 2000. во Скопје, го донесе следниот
АПЕЛ ЗА ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
- Имајќи ги предвид одредбите од Повелбата на Организацијата на Обединетите Нации (ОН);
- имајќи ги особено предвид членовите 2 и 4 од Повелбата;
- потсетувајќи на Резолуцијата 113/II на Генералното Собрание на ОН од 1947 година, со којашто се бара мислење од Меѓународниот суд за правда за законитоста на условите за прием на државата во ОН кои не се изрично содржани во член 4 од Повелбата на ОН;
- потсетувајќи на Резолуцијата 197/II на Генералното Собрание на ОН од 1948 година, според којашто се прифаќа Советодавното мислење од Меѓународниот суд за правда од 28 мај 1948 година "Услови за прием на државата во ОН";
- потсетувајќи дека според Советодавното мислење од Меѓународниот суд за правда од 28 мај 1948 година "Услови за прием на државата во ОН" при приемот на држава во ОН не смее да се поставуваат услови кои не се содржани изрично во член 4, став 1 од Повелбата на ОН, ниту смее да се гласа за такви услови;
- потсетувајќи на Меморандумот за правните аспекти на претставувањето на државите UNDOC.S/1466 од 1950 година, според којшто државата при прием во ОН не може да се условува со признавање на елементите од нејзината правна личност;
- имајќи предвид дека, според општите принципи на меѓународното право, името на секоја држава, во тој контекст и на Република Македонија, е инхерентно и неотуѓиво право на самата држава, бидејќи правниот идентитет претставува есенцијален елемент на правната личност;
- земајќи го предвид принципот на неповредливоста на правната личност, односно неотуѓивоста на есенцијалните елементи на правниот субјективитет, според "Декларацијата за принципите на меѓународното право" од 1970 година, на ОН;
- имајќи предвид дека непочитувањето на уставното име на една држава подразбира непочитување на нејзиниот суверенитет и повреда на нејзиното достоинство;
- со оглед на тоа дека секој обид за промена на името на една држава претставува повреда на принципот на неповредливоста на нејзиниот правен субјективитет и мешање во нејзината строга внатрешна надлежност;
- потсетувајќи дека приемот на секоја држава во меѓународните организации секогаш се проследува со нејзиното уставно име, како неотуѓив дел од нејзиниот субјективитет, без којшто е невозможно таа да ги остварува своите права и обврски во меѓународната заедница;
- потсетувајќи дека при приемот на една држава како суверена членка, ОН се обврзани да не примаат држави под дискриминирачки услови, да ги штитат членските права и правниот статус на државата по приемот во ОН, како и да го штитат правниот поредок на ОН и меѓународниот правен поредок;
- соочувајќи се со фактот дека при приемот на Република Македонија во ОН бесправно и' се поставени два дополнителни услови: (прво) да ја прифати привремената референца Бивша Југословенска Република Македонија (БЈРМ) и (второ) да води преговори со друга држава (Република Грција) за своето уставно име;
- констатирајќи дека со овие дополнителни услови се крши принципот на правната еднаквост, содржан во став 1 од член 2 од Повелбата на ОН, како и принципот на немешање во строгата внатрешна надлежност на државата, содржан во став 7 од истиот член;
- истакнувајќи дека уставното име на ниту една држава во светот не може да биде оспорено од друга држава и дека не може да претставува предмет на билатерални ни мултилатерални преговори;
- укажувајќи на фактот дека во рамки на ОН постои процедура за преиспитување на законитоста за приемот на државата, со обраќање до Меѓународниот суд за правда, што е применливо на секоја држава, вклучувајќи ја и нашата;
- убедени дека Генералното Собрание на ОН ќе покаже добра волја и ќе го пренесе ова прашање за законитоста на условите за прием во надлежност на Меѓународниот суд за правда;
- верувајќи дека од примарен интерес на Република Македонија е да го одбрани својот правен субјективитет и државност, како предуслов за нејзино натамошно рамноправно опстојување во системот и поредокот на ОН;
- верувајќи дека овој Апел на Македонскиот П.Е.Н Центар ќе наиде на целосна поддршка од страна на највисоките државни претставници, со оглед на нивната уставна должност да го штитат достоинството и суверенитетот на Република Македонија;
- верувајќи дека овој Апел на Македонскиот П.Е.Н Центар ќе наиде на широка поддршка во целокупната македонска јавност,
Македонскиот П.Е.Н Центар апелира до Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Собранието на Република Македонија и до Претседателот на Владата на Република Македонија да ги преземат сите неопходни дипломатски и процедурални мерки за да се започне постапката за преиспитување на законитоста на Резолуцијата на Генералното Собрание на Обединетите Нации од 1993 година, со којашто Република Македонија е примена во полноправно членство во ОН, во делот кој се однесува на привремената референца и обврската за преговори со друга држава за сопственото уставно име, со што ќе се иницира процесот на легално востановување на уставното име на Република Македонија во ОН.
Претседателство
на Македонскиот П.Е.Н Центар
Претседател,
Катица Ќулавкова
Белешка:
Апелот за името на Република Македонија на Македонскиот П.Е.Н центар, упатен до Претседателот на Република Македонија, господинот Борис Трајковски, Претседателот на Собранието на Република Македонија, господинот Саво Климовски, и до Претседателот на Владата на Република Македонија, господинот Љубчо Георгиевски, ќе биде препратен, со придружно писмо, и до:
- Министерот за надворешни работи на Република Македонија
- Уставниот суд на Република Македонија
- Претседателот на МАНУ
- Ректорот на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје
- Ректорот на Универзитетот "Св. Климент Охридски " во Битола
- политичките партии, културните институции и организации, студентските организации во Република Македонија
- печатените и електронските медиуми во Република Македонија
- Претседателот на Генералното собрание на ОН
- Претседателот на Советот за безбедност на ОН
- Генералниот секретар на ОН
- Претседателот на Европскиот парламент
- Претседателството на Советот на Европската Унија
- Претседателот на Европската комисија
- Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
- Претседавачот на Комитетот на министрите на Советот на Европа
- Генералниот секретар на Советот на Европа
- Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ
- Претседавачот на ОБСЕ
- амбасадорите и шефовите на другите дипломатски мисии во Република Македонија
- претставниците на специјализираните агенции, канцелариите и програмите на ОН во Република Македонија
- меѓународни организации за човекови права
- Г-ѓа Дорис Пак
- Г-дин Бадинтер
- Меѓународниот П.Е.Н во Лондон
- одделни П.Е.Н центри во Европа и во светот
Скопје, 17.02.2000






