
ОДБЕЛЕЖАН ЗЛАТНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА МАКЕДОНСКИОТ ПЕН
На 20 декември во Скопје свечено беше одбележан златниот јубилеј на Македонскиот ПЕН - 50-годишнината од неговото формирање.
По повод јубилејот, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, на приемот во неговата резиденција му ја врачи Повелбата на Република Македонија за афирмацијата на македонската книжевност и култура во светот, што во текот на своето петдецениско постоење ја оствари Македонскиот ПЕН. Врачувајќи му ја Повелбата на актуелниот претседател на Македонскиот ПЕН И сто Лазаров, претседателот Иванов посебно подвлече дека токму Меѓународниот ПЕН центар беше првата меѓународна асоцијација воопшто која на својот конгрес одржан 1992 година усвои посебна Резолуција со која се признава правото на македонскиот народ на сопствено име, јазик и култура.
- За жал и по две децении од оваа Декларации и по векови и децении творештво на македонски јазик, по безброј преводи, книги и списанија се уште се наоѓаат негатори на македонскиот јазик и на сето она што е создадено на македонски јазик. Негацијата на еден јазик е негација и на неговите говорители, на творците кои создаваат на тој јазик. Тоа е негација на основните вредности на човечката цивилизација, рече Иванов по повод доделувањето на ова признание.
Претседателот на Македонскиот ПЕН-центар Ристо Лазаров се заблагодари на слухот што го покажа македонската држава за влогот што го даде Македонскиот ПЕН-центар сите овие 50 години во афирмацијата на македонскиот збор и литература.
- Признанието им припаѓа на сите генерации на Македонскиот ПЕН од неговото формирање до новопримените членови од пред само еден месец, рече Лазаров.
Вечерта се одржа и свечено собрание на Македонскиот ПЕН на кое куси обраќаања за јубилејот имаа претседателот Ристо Лазаров и Благоја Иванов, прв секретар на Македонскиот ПЕН. На собранието им беа доделени благодарници на досегашните претседатели на Македонскиот ПЕН: Томе Момировски (постхумно), Мето Јовановски, Георги Старделов, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова и Димитар Башевски. По собранието се одржа и клупска вечер на Македонскиот ПЕН.