Македонскиот ПЕН центар на меѓународниот Конгрес во Берлин
Од 21 до 28 мај 2006 година, во Берлин се одржа 72-от меѓународен ПЕН конгрес, на кој учествуваа 450 делегати од целиот свет или 145 ПЕН центри од 101 земја од светот. Главната тема на Конгресот беше „Да се пишува во свет без мир”. Како претставници од Македонија, на Конгресот учествуваа академик Катица Ќулавкова, претседател на Комитетот за превод и јазични права и Ермис Лафазановски, секретар на Македонскиот ПЕН центар.
За едногодишната работа на Комитетот за превод и јазични права, беше поднесен извештај од Катица Ќулавкова, а извештај за работата на регионалната конференција во Охрид, одржана од 22 до 25 септември 2005 година, поднесе секретарот на Македонскиот ПЕН центар, Ермис Лафазановски.
На Конресот во Берлин, беа одржани неколку дискусии и тркалезни маси на кои се дискутираше за улогата на писателот во светот денес, како и улогата на меѓународниот ПЕН во светот. На овие средби активно учество зедоа и македонските претставници.






