Соработка меѓу Македонскиот и Бугарскиот ПЕН центар
МАКЕДОНСКИ ПИСАТЕЛИ ВО БУГАРИЈА
Од 27 до 29 април 2006 година, во рамките на соработката меѓу Македонскиот и Бугарскиот ПЕН центар, во Бугарија престојуваа македонските писатели Димитар Башевски, претседател на Македонскиот ПЕН центар, Иван Џепаровски и Александар Прокопиев, членови на Претседателството. Повод за посетата беше промоцијата на изданието “Македонската литература во новиот век” што го објави Бугарскиот ПЕН центар, а во кое е претставена македонската поезија, проза и есеј. Слично вакво издание на бугарската литература, објави и Македонскиот ПЕН центар кон крајот на минатата година, при што во Скопје престојуваше делегација на Бугарскиот ПЕН.
Првата литературна средба со колегите, преведувачите и публиката од Бугарија, македонската делегација ја имаа на 28 април во просториите на централната софиска библиотека. Пред бројна публика, беше говорено за соработката меѓу двата ПЕН центри, беше промовирана книгата „Македонската литература во новиот век”, а македонските писатели Димитар Башевски, Иван Џепаровски и Александар Прокопиев, настапија со свои творби.
Покрај оваа литературна средба, македонските писатели беа поканети и настапија на бугарската телевизија „Седум дена”, каде се зборуваше за соработката меѓу двете литератури, како и за вредностите на тие литератури за уметноста воопшто.






