There are no translations available.

Иван Џепаровски

ЛИТЕРАТУРАТА И ДИГИТАЛНОСТА

- воведно излагање на тркалестата маса на Тринаесетата регионална конференција на Македонскиот ПЕН -

Темата на годинешнава наша средба на региналните ПЕН центри не само што е особено актуелна, туку е и неверојатно комплексна и затоа верувам дека ќе овозможи различни пристапи кон релацијата литература – дигиталност. Несомнено, низа прашања можат да бидат придвижени во контекст на нашата тема. Меѓу нив, секако, и следниве: дали литературата е загубена во напливот на популарната култура протежирана од страна на масовните медиуми, делумно или целосно дигитализирани? Дали огромните можности што ги нудат современите комуникациски и мас-медиуми претставуваат неосвоен простор за литературата? Дали индустријата на забавата, од друга страна, ја протера литературата од масовните медиуми и направи литературата да ги загуби своите читатели? Дали еманципаторската функција на мас-медиумите и на дигиталноста е, всушност, онаа не докрај искористена можност на литературата - да ја оствари својата непречена комуникација со посакуваните читатели?

Како што се гледа од сиве овие прашања коишто слободно можат да се поделат на две големи дијаметрално спротивни стојалишта, литературата, како и нејзините автори и толкувачи, имаат особено амбивалентен однос кон масовните комуникациски медиуми и кон дигиталноста - од една страна посакуваат литературата да ја задржи својата величественост, уникатност и комуникабилност само за посветените (лоцирана во минатото и делумно во сегашноста, но само од малкумина), а од друга страна посакуваат широка дисеминација и популарност (нужно провоцирани од стварноста и од дигиталната „екстаза на комуникациите“).

Ова распнување на литературата е предизвик повторно и повторно да ги разгледаме прашањата врзани за бинарните опозиции: елитност и популарност, автентичност и баналност, стварност и симулација, вечност и ефемерност, висока уметност и кич, аналогност и дигиталност итн., или, пак, да излеземе од нивните рамки и да се обидеме да востановиме една инклузивна релација меѓу овие подвоености

Но, ако сакаме филозофски, естетички или културолошки да им пристапиме на овие прашања ќе треба да ги тематизираме најнапред прашањата за масовната култура и потрошувачка, како и за масовната уметност, а потем оттаму да ги изведеме и суштествените сознанија во однос на релациите литература – мас-медиуми – дигиталност.  

На планот на културата и на масовната потрошувачка на културните добра, се чини дека денес сè уште се актуелни теориските идеи оформени кон средината од минатиот век, идеите што можат да се определат како два дијаметрално различни става во однос на потрошувачката на културните добра. Едниот овоплотен во идеите на „Франкфуртската школа“, со нејзиниот клучен протагонист филозофот и естетичарот Теодор Адорно, кој се обидуваше да го рефлектира ужасот на стварноста отелотворен во „културната индустрија“ што ги поставува имитацијата и банализирањето на ниво на апсолут (денес, од наградните игри во функција на безглавата потрошувачка, до влегувањето во светот на привидното и неавтентично задоволство на воајерското консумирање на слики во различните варијанти на риалити шоу), при што обединувањето на културата и на забавата, на културата и на масовната потрошувачка на културните добра, што е на показ во современите општества, прави забавата да се „продухови“, но од друга страна и да ги уништува автентичните белези на културата и на уметноста. Како што велеa Теодор Адорно и Макс Хоркхајмер во нивната прочуена книга „Дијалектика на просветителството“: „културната индустрија е расипана, но не како грешниот Вавилон, туку поради тоа што е катедрала на возвишената забава.“ (Horkheimer–Adorno 1974, 155)

hosted by

Copyright © Macedonian P.E.N. Centre, 2004.
All rights resreved

created by