There are no translations available.

Димитар Башевски

ЗБОРОТ И СЛОБОДАТА

Конференција на ПЕН, 6-9 јуни 2013

 

 

            Зборот и слободата, тоа е пеновска тема пар екселанс. Тие два збора се станати клучен принцип содржан во Повелбата на Меѓународниот ПЕН. На тој принцип, ако сакате, лежи и самото постоење на ова светска асоцијација на писателите.  

Целата историја, особено историјата на последните векови, е всушност историја на борба за слобода. Фактот што таа борба не одела праволинејно, не ја прави неа залудна туку само зборува за тоа дека честопати историјата на политичкиот живот и на институциите е историја на падови, на измами и илузии, дека историјата често се развижувала и преку лаги и грешки. Прокламираното ново, понекогаш отстапува пред животот и продолжува по старо.

Сведоци сме дека во еден број балкански средини, па дури и во некои блиски централно-еврпски земје, на пример, место да се релаксира, се заострува борбата за власт над зборот. Тоа се огледа во обидите на владеечките структури да затвораат медиуми кои се поставиле критички и опозициски наспрема нив, во обидите во вкрстена спрега со сопствениците на медиумите, односно со капиталот, и со државна поддршка со реклами и со други форми, да ги поткупуваат и да ги контролираат посебно телевиизиските медиуми и, конечно, преку еден вид насилно натурање на закони за медиумите, да завладеат, речиси со сиот или со нјаголемиот дел од медиумскиот простор. Во сето тоа, постои уште и поткупливоста. Поткупливоста, според Лорд Актон, е многу поефикасна од справите за мачење. Во таквата ситуација нема потребно ниво на слобода на зборот, а ако нема слобода на зборот, нема никаква слобода. Зборот, лебот и слободата не се баш одделени едно од друго. Дури, гледаме дека каде што нема слобода на зборот, нема ни странски инвестиции.

Оттука, кога е Балканот во прашање, Репортери без граници во својот последен извештај за слободата на медиумите има оценка дека ”Балканот остана вкоренет во репресивната пракса од минатото”. Ни нашата македонска средина, не е надвор од овие состојби. Меѓународните организации што се занимаваат со медиумската слобода, во 2013 година ја рангираа Македонија на 116–тото место. Ваквиот пад и ваквото ниско место по однос на медиумската слобода, доведе до тоа да се најдеме во бројот на земји означени како полуслободни. Покрај другото, ние му ја понудивме на светот онаа ексклузива од 24 декември по однос на новинарите. Грчките власти пак деновиве прогласија за персона нон грата една македонска новинарка затоа што во својот весник не пишувала според нивните очекувања. Така, Балканот останува место каде што нема многу нешто ново, останувајќи, како што се рече, “вкоренет во репресивната пракса од минатото”.  

Јасно е дека зборот и слободата се нешта иманентни на она што сме и што го правиме ние како писатели. Утешно е што, како поединци и како Македонски ПЕН центар, макар скромно, ние сме направиле и еве и сега правиме нешто во полза на тој збор и на таа слобода. Понекогаш начинот на кој литературата го гледа животот се прима како закана за поредокот што сака да го одржи една власт. Оттука, и кога е литературата во прашање, произлегуваат последици поврзани со слободата на говорот. А во суштина, литературата е прашање на внатрешниот, а не на надворешниот став. Нејзината ролја не е да презема директна одговорност за светот. Творецот е поединец, нема такво нешто како објективна визија, форма, боја, звук, неговите дела се примаат како индивидуален сензибилитет наспрема другиот човек и светот.

Дека “гласот на писателот е глас на делото на писателот”, како што понекогаш се вели, никој не спори кога е во прашање книжевно-уметничкиот контекст, но спорно е кога се прави замена на тезата, та тој “уметнички глас” на неговото дело, се сака да се употреби како замена за слободата на зборот надвор од тоа дело, во општествениот простор. Се вели: Јас пишувам, а не зборувам за јавните нешта, еве ви го моето дело! Не, твоето дело не е за таква употреба. Дај го твојот глас како човек по однос на зборот и слободата со авторитет на писател, се разбира ако го имаш тој порив, без принуда, само доколку ти дозволува слободата на совеста.

Значи, не ставај го уметничкото дело каде што не му е местото, зашто крајниот извод од таквата теза би бил дека писателите треба да молчат. И не само писателите: и тутунарите треба да молчат, бидејќи нивниот глас е гласот на нивниот тутун што го садат, и возачите на автобусите треба да молчат, и студентите треба да молчат зашто нивниот глас се испитите што треба да ги полагаат и итн. Една млада Турчинка на плоштадот Таксим при настаните деновиве изјави: Ние не сме стадо овци! Не знаеме дали е таа писателка или, можеби, книговодителка. Ако е важна писателка, тоа може на нејзината изјава да и` даде авторитет, слично со случајот на Памук, но ништо не менува од фактот дека нејзината изјава е изјава што има малку или никаква врска со естетскиот и уметничкиот свет на нејзината лирска поезија.

Зборуваме за зборот и слободата, за гласот на слободата, а не за оној глас кој е подобро и да не го слушаме – оној глас на културата и во тие рамки и на еден број писатели, кои од Балканот направија и прават терен на терор на културата и придонесоа за Третите балкански војни, за сите оние колежи и за геноцидите на тлото на поранешна Југославија. 

Инаку, јасно, нема слобода во некој празен простор, таа е исто така модел на должности. Во врска со неа, во една општа смисла, можат да се постават различни хипотези. Државата и слободата се два спротивставани концепта, како впрочем што се и Бог и слободата.

Важен аспект е дека слободата е запазување на една внатрешна сфера, како што е слободата на совеста, почвата врз која расте слободата. Нема слободен збор, без слободна совест.  Тоа го има кај Казанѕакис кога вели:  Den elpizw tipote, den fouame tipote, eime elefteros (Не се надевам на ништо, не се плашам од ништо, јас сум слободен). Тоа е раскошно лично чувство на слобода и етичка автономност.

 

There are no translations available.

Ферид Мухиќ

ЗБОРОТ И СЛОБОДАТА

- воведно излагање на 14-та регионална конференција на Македонскиот ПЕН –

 

 

Утопија е држава која не постои ниту на една карта на светот. Но, Утопија е и онаа држава без која ниту една карта на светот не е вредна ни да се погледне! Ја нема ни на списокот од 192 држави членки на ОН, ни меѓу оние 136 кои ја признале Република Македонија под уставното име, ниту во оние 89 (92?, 95?, 102?) кои ја признале суверената држава Косово. Ја нема ниту меѓу оние кои бараат некакво признание, ниту меѓу тие кои бараните признанија ги даваат или не ги даваат. Навистина, таквата држава ја нема никаде во светот, но што би вредел светот во кој би згаснала прекрасната светлина што зрачи од самата помисла на волшебниот збор – слобода?!?

            Зборот и слободата! Слободата и зборот! Знам, очекувате сега да запеам химна за нивното единство, да создадам вознесувачки пофалби за слободата како претпоставка на зборот и зборот како услов на слободата, да ви приредам огномет од афористични еклоги во вечна слава на нивната нераздружива проникнатост, небаре тие се два збора за иста состојба, две состојби изразени во еден збор! Но, тоа не ми паѓа на ум! Па, слободата е само еден збор! Што навистина значи, на што упатува, кон што посочува, накусо: што е – слободаѕа?! И има ли некаква поврзаност помеѓу зборот и слободата? Трепери ли, на краевите од најфините неврони во мозокот на универзумот некаков магнетен напон насочен од еден до друг збор, се активира ли некаква синапса кога тие доволно ќе се донлижат еден до друг? Ако е така, тогаш слободата е изворно изнудена, нејзиното автоматско настанување значи дека, во својот изворен чин, слободата е неслободна!? Ако пак зборот не активира автоматски состојба на слободата, туку самиот тој акт е изворно непредизвикан, недетерминиран, значи, битно слободен – тогаш слободата е плод на случаен и самоволен, непредизвикан и недетерминиран настан? Која од овие две солуции е понеповолна, која од нив претставува подлабоко порекнување на слободата?

            Еднаш изговорен зборот ја укинува слободата. Во најдиректна смисла, зборот е негација на слободата. И кога потполно би се избришало секое сеќавање на изговорениот збор, сепак, чинот на неопходноста на неговото бришење, би го потврдило фактот дека тој избришан збор, бил изговорен! Изговорена реч не може да се стори неизговорена. Бикот се врзува за рогови, човекот за збор! Со секој изговорен збор се врзуваме многукратно посилно од сите јажиња на светот со кои би го врзале бикот за роговите!

            Само луѓето се неслободни и токму затоа само на човекот му е даруван говорот! Да се буни! Да зборува за она што го нема. А што, наедно, е највредно да се има: за слободата! Зборот е чувар на сеќавањето за слободата! На човекот кој суштински е неслободен, дадено му е да зборува за слободата! Зборуваат само тие кои се свесни за својата неслобода. Зборот е светилникот со кој праќаме светлосен сигнал дека сме свесни за својата неслобода. И дека не пристануваме на неа како наша трајна состојба. Дека не сме престанале да копнееме по слободата!

            Еднаш изговорен, зборот станува дефинитивен чин. Космичка константа. Транстемпорален настан кој никаква промена, па дури ни пропаста на светот не може да го избрише! И токму тука е поентата на сложената дијалектика на зборот и слободата! Проблемот на слободата не е клучниот проблем на зборот! Од позиција на писателот, конечно од позиција на книжевноста и јавниот збор воопшто, клучниот проблем е обврзувачкиот карактер на зборот! Од суштинско значење за секоја вербална комуникација, а за книжевноста дотолку повеќе, е да се согледа, разбере и доследно почитува ултимативноста, иреверзибилноста на зборот! Еднаш изговорен, зборот не може веќе никогаш да се избрише! Никогаш власта, ниту една власт, не може да ги замолчи писателите! Наместо слободата, која е, како прво, невозможна бидејќи зборот дефинитивно обврзува, и како второ, која дополнитело ги прави писателот неодговорен кон сопствениот живот, вокацијата, занаетот, писателите треба да се борат за афирмација на апсолутно обврзувачкиот карактер на секој збор кој ќе го напишат!

            Што бара писателот кој бара слобода за она што го пишува? Да нема никакви импликации, ни санкции за она што тој го пишува! Но, оној кој еднаш го изговорил Зборот, произвел импликации! Барајќи го нивното укинување, тој бара неговото пишување да го сметаме за безначајно! И што би значела слободата која оној што еднаш го рекол својот збор, каква слобода тој би можел да бара? Да се согласиме дека изговорениот збор не бил изречен? Но, веќе видовме дека талвото барање не би можел да го исполни ни самиот Создател! Да сметаме дека не го рекол тоа што навистина го рекол, туку дека рекол нешто друго? Или дека изречениот збор воопшто не го обврзува на ништо. Дека чинот на зборувањето е безвреден или бесмислен? Но, тогаш што ќе му е слободата зборот да го користи спротивно на неговата апсолутна суштина? Зборот не е релативен, туку апсолутен чин, зборот е неотповиклива и непореклив настан!

            Ако слободата треба да стане неразделна придружничка на зборот, ригорозноста на зборот се девалвира во произведување празни звуци! Ниту треба да се бара право на слободно произведување празни звуци, ниту има каква било основа во хипотетички прифатеното ограничување на правото тоа да се прави колку кој сака, кога сака и каде сака!

            Затоа драги колеги писатели, не барајте вашите зборови да се сметаат за празни звуци! Нека вашиот збор за сите луѓе, а пред се за вас самите, биде апсолутно обврзувачки! Не барајте за себе право да ги игнорираат вашите зборови! Одбивајте ја на секој чекор недостојната привилегија никој да не се обзира на она што го пишувате! Борете се за вашиот збор да има силни, благородни, возвишени импликации, и гордете се со тоа доколку ја принудува власта на санкции! За градината на слободата на зборот и мислата најдобар градинар многу често е цензурата! Не повлекувајте ги вашите зборови, ни напишаните, ни оние еднаш изречени и особено, ни за жива глава не барајте амнестирање, помилување, прошка за она што еднаш сте го напишале и потпишале!

            Државата која го контролира или забранува слободниот збор, ја забранува свеста за неслободата, го задушува копнежот по слободата! Во таквата држава слободата на мислење и говор, слободата на печат и јавни медиуми, се подведуваат под законски одредби диктирани од власта, со кои се нагласува бажноста на униформното и стандардизирано пишување. Со тоа, се елиминираат и слободата и зборот. Сосема е запоставена вистината дека слободата на мислење и говор, како приватна така и онаа во јавните медиуми, се тестираат со слободата да се мисли и зборува, да се пишува и оценува различно, поинаку! Сите знаат дека свеста за сопствената неслобода и копнежот по слободата на граѓаните денес витално зависат од слободата на печатот и медиумите, но исто така, сите мора да знаат дека слободата не може да се ограничи без самата слобода да биде укината!

            Слободата не е само последната мисла која останува јасна во секој жив човек, туку таа е првата мисла до која секој човек доаѓа самостојно и со која го воспоставува сопствениот интегритет. Зборот е крик со кој се повикува загубената слобода, или со кој се брани освоената слобода. Што е слободата, може да се објаснува на безброј начини и од бесконечно многу позиции, но свеста за слободата без исклучок е личен чин на секој човек. Никој наместо мене не може да ми го внесе чувството на слободата. Во спротивно, секој обид тоа да се стори завршува со катастрофа. Како и секој човек, така и секој народ кој бил ослободен од друг народ, станал роб на својот ослободител. Дотолку: што помалку власт, толку повеќе слобода! Идеалот кој Аристотел го формулирал со зборовите: ,,Слободата и еднаквоста најдобро се остваруваат кога никој не владее со никого, туку сите подеднакво учествуваат во донесувањето заеднички одлуки од важност за сите”.

            Далеку е таа цел. Се чини дека никогаш не била толку далеку како денес. Па сепак, какви и да се притисоците против слободата, колку и да е светот денес целосно потчинет на огромниот глобален експеримент на практикување технологија на контролирање на однесувањето на луѓето, слободата нема никогаш да ја снема од светот. Таа ќе го има своето засолниште во длабочината на секој човек, дури и под услов тој експеримент да ги стави под своја власт сите држави на светот. Се додека ќе го памети зборот ,,слобода” и додека ќе има смелост да го изговори и храброст да се бори за неа!

            Утопија велите!? Да, но наспроти сите напори на власта да ја искоренат слободата, Утопијата на слободата секогаш ќе остане на мапата на светот. Нејзините граници ќе бидат маркирани со Зборот! Нејзината територија ќе се совпаѓа со слободата!

ЗАВРшИ четиринаесетата РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ПЕН

 

Со учество на деветнаесет еминентни писатели од десет странски земји (Турција, Бугарија, Романија, Србија, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Словачка), како и на исто толку домашни автори, во Скопје заврши Четиринаесетата регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар. Во работата на конференцијата учествуваа и потпретседателките на Меѓународниот ПЕН Вида Огњеновиќ и Катица Ќулавкова.

kon

            Во фокусот на интересирањето на учесниците во дебатата, чијшто воведничар беше проф. Ферид Мухиќ, беше темата Зборот и слободата, која предизвика големо интересирање меѓу учесниците. Посебно беше подвлечено дека наспроти сите напори на власта, слободата секогаш ќе остане на мапата на светот. Нејзините граници ќе бидат маркирани со Зборот, а нејзината територија ќе се совпаѓа со слободата. Исто така, во врска со темата на конференцијата беше нагласено дека е спорно кога ,,уметничкиот глас” на делото на писателот сака да се употреби како замена за слободата на зборот надвор од делото, во општествениот простор. Уметничкот дело не е за таква употреба, беше речено на конференцијата, туку уметникот треба да го даде својот глас како човек по однос на зборот и слободата со авторитетот на писател, без принуда, само доколку му дозволува слободата на совеста.


            Беа претставени и три нови книги на учесници на Конференцијата: Антологијата на современата романска поезија од Симона Грација Дима, како и преводите на македонски јазик на Приказна за истоштеноста од Ласло Блашковиќ (издание на ,,Икона”) и стихозбирката Капитулација од Душко Новаковиќ (издание на ,,Везилка 2011”).            Учесниците на конференцијата  изразија длабока загриженост за актуелната ситуација во Турција, особено со зголемувањето на ограничувањата на слободата на мислењето во светот денес, со контролата врз медиумите и упатија повик до актуелната турска власт веднаш да ја запре бруталната употреба на полицијата против учесниците во протестите и да се запре каква и да е употреба на сила против изразувањето различни и опозициски мислења во општеството. На оваа тема расправаше и Балканската ПЕН мрежа и таа, како и учесниците на конференцијата, побараа од Меѓународниот ПЕН да ги осуди сите притисоци врз медиумите во Турција и да му ја дадат потребната поддршка на Турскиот ПЕН центар.

            Во рамките на Конференцијата се одржа традиционалната меѓународна поетска вечер, а гостите го посетија и манастирот Св. Јоаким Осоговски кај Крива Паланка.kriva

***

 

Учесници на конференцијата од странство: Вида Огњеновиќ, Душко Новаковиќ и Ласло Блашкалиќ (Србија), Бојко Ламбовски и Светослав Наум (Бугарија), Симона Грацја Дима (Романија), Ладислав Волко (Словачка), Ифигенија Симонович (Словенија), Фахредин Шеху и Илире Зајми (Косово), Надежда Цациновиќ (Хрватска), Младен Ломпар (Црна Гора), Ентела Каси, Садик Бејко и Ндуе Гјика (Албанија) и Сабри Кусконмаз (Турција).

 


 

                                              МАКЕДОНСКИОТ ПЕН ГИ ПОДДРЖУВА НОВИНАРИТЕ

Управниот одбор на Македонскиот ПЕН центар ги поддржува и се придружува кон протестите и барањето на Здружението на новинарите на Македонија за утврдување на конкретната одговорност за инцидентот и исфрлувањето на новинарите од Собранието на Република Македонија, со што е извршена груб атак врз слободата на изразувањето.

Застанувајќи во одбрана на слободниот збор, Македонскиот ПЕН потсетува дека со овој чин и е нанесена дополнителна меѓународна компромитација на Македонија кога е во прашање медиумската слобода, област во која и досега не стоеше добро во оценките на релевентните меѓународни институции.

Поради тоа, санкционирањето на извршителите и нивните наредбодавачи е минимумот кој го заслужуваат новинарите во Македонија, а и што власта во државата може и мора да го направи за никогаш да не се повтори тоа што се случи и да се гарантира медиумската слобода и слободата на изразувањето воопшто.

ОДБЕЛЕЖАН ЗЛАТНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА МАКЕДОНСКИОТ ПЕН

 

На 20 декември во Скопје свечено беше одбележан златниот јубилеј на Македонскиот ПЕН - 50-годишнината од неговото формирање.

По повод јубилејот, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, на приемот во неговата резиденција му ја врачи Повелбата на Република Македонија за афирмацијата на македонската книжевност и култура во светот, што во текот на своето петдецениско постоење ја оствари Македонскиот ПЕН. Врачувајќи му ја Повелбата на актуелниот претседател на Македонскиот ПЕН И сто Лазаров, претседателот Иванов посебно подвлече дека токму Меѓународниот ПЕН центар беше првата меѓународна асоцијација воопшто која на својот конгрес одржан 1992 година усвои посебна Резолуција со која се признава правото на македонскиот народ на сопствено име, јазик и култура.

- За жал и по две децении од оваа Декларации и по векови и децении творештво на македонски јазик, по безброј преводи, книги и списанија се уште се наоѓаат негатори на македонскиот јазик и на сето она што е создадено на македонски јазик. Негацијата на еден јазик е негација и на неговите говорители, на творците кои создаваат на тој јазик. Тоа е негација на основните вредности на човечката цивилизација, рече Иванов по повод доделувањето на ова признание.

Претседателот на Македонскиот ПЕН-центар Ристо Лазаров се заблагодари на слухот што го покажа македонската држава за влогот што го даде Македонскиот ПЕН-центар сите овие 50 години во афирмацијата на македонскиот збор и литература.

- Признанието им припаѓа на сите генерации на Македонскиот ПЕН од неговото формирање до новопримените членови од пред само еден месец, рече Лазаров.

Вечерта се одржа и свечено собрание на Македонскиот ПЕН на кое куси обраќаања за јубилејот имаа претседателот Ристо Лазаров и Благоја Иванов, прв секретар на Македонскиот ПЕН. На собранието им беа доделени благодарници на досегашните претседатели на Македонскиот ПЕН: Томе Момировски (постхумно), Мето Јовановски, Георги Старделов, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Катица Ќулавкова и Димитар Башевски. По собранието се одржа и клупска вечер на Македонскиот ПЕН.

hosted by

Copyright © Macedonian P.E.N. Centre, 2004.
All rights resreved

created by