До
Претседателот на Република Македонија
Претседателот на Собранието на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија
До јавноста во Република Македонија

Македонскиот П.Е.Н. Центар, во согласност со Повелбата на Меѓународниот П.Е.Н. и Универзалната декларација за јазични права на Меѓународниот П.Е.Н., врз основа на одредбите од Конвенциите за човечки права на Обединетите нации и позитивните искуства од државите со високо развиен демократски поредок, на своето годишно собрание одржано на 18 декември 2003 година во Скопје, по темелен разглед на состојбите, реши да биде донесен следниот


АПЕЛ ЗА ЈАЗИЧНИТЕ, КУЛТУРНИТЕ И ОБРАЗОВНИТЕ ПРАВА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Македонскиот П.Е.Н. Центар ја изразува својата загриженост во врска со процесите што се одвиваат во Република Македонија, посебно кога се во прашање меѓуетничките односи и со нив поврзаните прашања за јазичните, културните, образовните и самоуправните права на граѓаните. Овие процеси се закануваат да влијаат негативно врз перспективите на Република Македонија како суверена, демократска и унитарна држава и на идниот мирен и благопријатен живот на сите нејзини граѓани. 

Македонскиот П.Е.Н. Центар, верен на принципите од Повелбата на Меѓународниот ПЕН, се залага за почитување на јазичните, културните и образовните права на сите индивидуи и етнички заедници кои живеат во Република Македонија.
Можеме да бидеме горди што заложбите и остварувањето на таквите права не се нешто ново во животот на македонската држава, АСНОМ-ска Македонија. Сакаме да подвлечеме дека остварувањето на ваквите народносни права, во тие рамки на јазичните, образовните и културните, никако не започнаа со 2001 година, ниту со Рамковниот договор, и новиот Устав на Републиката. Новиот Устав, во тој контекст, само создаде дополнителен простор за зголемување на јазичните права и правата на самоуправно локално ниво на етничките заедници.
Определбата, остварувањето на еден задоволителен степен на правата на етничките заедници беше и ќе биде висока вредност, токму затоа таквите права не треба да се радикализираат и да се донесуваат и унапредуваат во услови на конфликти, притисоци - одвнатре или однадвор - и да се сведат на фаворизирање само на еден малцински етникум, затоа што можат да прерастат во генератор на ерозија на интегритетот на државата. Досегашните искуства поучуваат дека главни жртви стануваат младите генерации на кои им се заканува наместо интеграција - гетоизација.
Натпреварот, пак, во изнудувањето на чисти етнички единици на локалната самоуправа, наместо такви по мерка и во функција на интересите на граѓаните, јасно говори дека се во прашање процеси кои не водат кон интеграција.
Македонскиот П.Е.Н. Центар апелира до државните инстанци на Република Македонија секогаш енергично да се ангажираат со цел остварувањето на јазичните права на албанската популација во Република Македонија да се одвива во востановените цивилизирани и демократски рамки, низ почитување на строгите европски стандарди за високо образование, стандардите за кредит-трансфер системот на високо образование, проодноста во студиите, квалитетот и отвореноста. Македонците од албанско етничко потекло имаат простор, а и привилегии (со оглед и на постојните тн. квоти за упис од дваесет насто за кандидати од етничките заедници) да студираат на државните универзитети Св. Кирил и Методиј Битолскиот универзитет, потоа на Универзитетот на југоисточна Европа со седиште во Тетово, Педагошкиот факултет, Европските студии, значи на високообразовни институции кои ги исполнуваат македонските и европските стандарди за високо образование и се (или наскоро ќе бидат) државни универзитети.
Отворањето на нов државен универзитет во Тетово, односно признавањето на оној кој започна со работа надвор од легитимниот систем на образование пред десет години, покрај веќе постоењето на универзитет во истиот град, отвора две дилеми: Првата, неподготвеноста во просторни и други услови и, втората, судбината на затечените студенти и нивното интегрирање. Повеќе од јасно е дека атмосферата на притисоци и негативна политизација, на радикализација, не може да биде од полза за младите луѓе, во случајов пред сè за младите Албанци, не само поради тоа што би студирале во субстандардни услови, туку и оптоварени со инсистирања врз исклучиво чисто етнички атрибути во севкупното образование. Нашиот Апел е: младите од различно етничко потекло треба да комуницираат меѓусебе, а не да се гетоизираат.
Се разбира, правото за образование на својот јазик е право што мора да биде загарантирано за сите заедници и етнички групи. Тоа право, како што рековме, во Република Македонија одамна се остварува и тоа, за среќа, според високите европски и светски стандарди. Обемот на тие права натаму може да оди само до мерката во која се имаат предвид интересите и правата на сите граѓани во земјата, а не само на една или друга етничка заедница, и особено доколку не се остваруваат под пририсок и како дел од политички проект насочен кон ерозија и дезинтеграција на државата.
Што се однесува до македонскиот народ, чиј национален идентитет е најзагрозен и кој нема друга држава освен оваа и не може да дозволи политички проекти и процеси кои би ја урнале таа држава. Конечно, државата не постои само за да исполнува желби и барања, туку и да бара сите граѓани, независно од нивното етничко, јазично и верско потекло, да ги почитуваат заедничките наднационални или надетнички интереси, за доброто на секој поединец и граѓанин во неа.
Членовите на Македонскиот П.Е.Н. Центар, кои инаку и самите се од различно етничко, јазично и верско потекло, се залагаат за тоа да се надмине што е можно побргу состојбата на доминација на етничките и меѓуетничките дискурси и на чувството на загрозеност, за да можеме - како дел од цивилизираниот свет, со богата културна, историска и демократска традиција каква што многу земји би посакале да имаат - да преминеме во фаза на економски, културен и демократски просперитет, кога примарни ќе бидат човековите и граѓанските права и должности, во тој контекст и лингвистичките, културните и образовните права, на секој граѓанин на Република Македонија.
Дискурсите на загрозеност и утопизам не ретко генерирале ретроградни и конфликтни процеси кои без исклучок го отежнуваат развојот на демократијата и просперитетот на државата.
Македонскиот П.Е.Н. Центар верува дека сè уште постојат позитивни, разумни и добронамерни сили во Македонија кои ќе ги запрат дезинтегративните процеси и кои ќе ја обноват надежта кај Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и другите граѓани на Републиката.

Скопје, 18.12.2003
Македонски ПЕН центар

hosted by

Copyright © Macedonian P.E.N. Centre, 2004.
All rights resreved

created by