|
|
|
new contents: |
Macedonian PEN Centre: Publications |
| |appeals/resolutions|history|members|board|e-mail|site map| |
Порака за македонскиот јазик,
по повод прогласувањето на 2008 за година на македонскиот јазикДраги писатели од Македонија и од светот,
Драги колеги – членови на Меѓународниот ПЕН – Лондон,Обединетите Нации ја прогласија 2008-та година како Меѓународна година на јазиците, поради парадоксалното сознание дека, и покрај тоа што
јазикот е огледало на духот на народот, на духот на времето и на човечката цивилизација, сепак, „повеќе од половината 7.000 живи и говорени јазици во светот се наоѓаат во опасност да исчезнат...“. Оваа меѓународна година свечено е промовирана на 21 февруари 2008 год., на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик на УНЕСКО. Таа, во голема мера ќе се одбележува преку програмата на УНЕСКО и на партнерските организации на УНЕСКО, меѓу коишто значајно место зазема Меѓународниот ПЕН. Оваа одлука е проекција на универзалната свест дека во човечката цивилизација си суштествено се одвива во форма на јазик или се стреми да се преобрази во јазичен симбол, јазична информација и комуникација. Такви се информативните и комуникативните семиотички системи, печатените, електронските, дигиталните и хипертекстуалните медиуми, меѓучовечката и меѓудржавната комуникација, конституционалните и законските проекти, политичката, судската и пофалната реторика, образованието, науката, идеологијата, религијата, историографијата, потем дискурсите на власта и на глобализацијата, и конечно а не помалку важно – јазикот е конститутивен фактор на повеќето уметности, првенствено на книжевноста дефинирана како уметност на јазикот или јазик во неговата естетска употреба, потоа на филмот, театарот, стрипот и на др. уметности). Енигматично и фрапантно делува парадоксот дека, иако јазикот го инкарнира етничкиот, националниот, културниот, традицискиот, а не ретко и религискиот идентитет на индивидуите и на колективитетите, сепак е под стигмата на заборавот токму во современиот свет и во епохата на глобалната демократизација на човечкото општество.Истовремено кога ОН ја прогласија 2008-та за меѓународна година на јазиците, Владата на Р. Македонија ја прогласи 2008-та за Година на македонскиот јазик. Со оваа одлука, Владата на Р. Македонија покажа дека е свесна за значењето на македонскиот јазик како составен дел на јазичниот мозаик на светот, како индикативно место на европската јазична мапа и како еден од словенските и балканските јазици со богата усна, писмена и книжевна традиција.
Одлуката на Обединетите нации и одлуката на македонската Влада се комплементарни по однос на алармантната состојба во којашто се наоѓаат малите јазици и по однос на апелот што го прават за да се преземат сите неопходни институционални и конституционални мерки за заштита на јазиците како нематеријално духовно наследство на човештвото од посебен интерес.
Во тој контекст, македонскиот јазик е неотуѓиво духовно културно наследство на македонскиот народ, кое има научно признати импликации врз јазичното наследство на голем дел од европските народи чиишто јазици спаѓаат во импозантниот корпус на словенски јазици и кои, од 9 век наваму, се кодифицирани врз говорите на Македонците од солунскиот регион. Од тој период, црковнословенскиот јазик кој има неспорна македонска генеза, спаѓа – покрај хебрејскиот, старогрчкиот и латинскиот – меѓу четирите јазици во светот на коишто официјално се ширело христијанството, се преведувале светите книги и се пишувале нови книжевни дела.
Јазикот е неизбришлив дел од културната меморија на еден народ, независно од тоа дали тој е голем или мал. Од гледна точка на јазичните и естетските вредности, не постојат мали и големи јазици, мали и големи книжевности, мали и големи културни мемории! Таа поларизација се прави само од гледна точка на глобализирачките и империјалистичките интереси на моќните држави. Затоа секоја јазична и книжевна практика треба да се негува како привилегија на човечката цивилизација и како неотуѓиво право на народите во светот. Колку и да е навидум мал македонскиот јазик, неговата улога во развојот на европската цивилизација е голема. Македонскиот јазик е голем онолку како што се големи цивилизациските придобивки од него.
Јазикот е културно наследство во коешто се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик, значи да се занемари естетиката на македонската историја, меморија и современост. Затоа, поздравувајќи ја иницијативата за прогласување на 2008 година за година на македонскиот јазик, би сакала, во име на комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН, да апелирам до сите ПЕН центри и сите писатели, преведувачи и интелектуалци во светот, да дадат свој, макар симболичен, придонес кон афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и култура – преку информации за јавните медиуми, пригодни свечености, преводни активности, дебати, книжевни вечери, фестивали, интернет информации и други промотивни активности.
Катица Ќулавкова, претседавач на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН
21.03.2008all contents © Macedonian P.E.N.