|
|
|
new contents: |
Macedonian PEN Centre: Publications |
| |appeals/resolutions|history|members|board|e-mail|site map| |
Соопштение на Македонскиот ПЕН центар во врска со настаните околу одржувањето на 43-те Струшки вечери на поезијата
Македонскиот ПЕН центар им ја искажува својата целосна поддршка на Струшките вечери на поезијата, како национална и меѓународна манифестација од првостепено значење за афирмацијата на македонската литература и култура. Членовите на македонскиот ПЕН центар го имаа и своето директно учество во профилирањето и развојот на овој Фестивал во текот на сите изминати четири децении. Македонската култура, која претставува наша автентична легитимација во светските културни комуникации, а во тие рамки посебно Струшките вечери на поезијата, не смее да биде изложена на инструментализација од било која страна, од што штетата би била далекусежна.
Во врска со одржувањето на годинешните Струшки вечери на поезијата, некои настани ги преминуваат границите на прифатлива граѓанска и демократска реакција. Несфатливо е, еден градоначалник, во случајов на Охрид, да забранува да се влезе во градот на македонските граѓани и на УНЕСКО и да се одржи една манифестација како што се СВП.
Македонскиот ПЕН центар, искажувајќи разбирање за изразите на несогласување и револт на граѓаните на Струга, во рамките на демократското право, смета дека доколку Струшките вечери на поезијата се одржeа во овој град, со тоа немаше да се ослаби тоа демократско право.
Во околностите кои се создадоа, и кои ја загрозуваат автономијата на културата, Македонскиот ПЕН центар им ја искажува целосната поддршка на Управниот Одбор и Дирекцијата на СВП, во напорите да го организираат и годинешниот поетски фестивал, макар и надвор од Струга, по откажувањето на гостопримството од страна на Струшкиот кризен штаб. Со одржувањето на Фестивалот во Скопје и во Охрид, како што е најавено, би се обезбедил континуитетот на СВП, кои од минатататата година се влезени и во мапата на УНЕСКО како светско културно богатство. Во таа смисла, не само македонските писатели, туку и писателите од светот, вклучително и Меѓународниот ПЕН, чиј Светски конгрес пред две години беше одржан во Охрид, нема да бидат рамнодушни кон загрозувањето на автономијата на културата кај нас и, во случајов, кон евентуалното неодржување на светскиот поетски фестивал.
Скопје, 19.08.2004
Македонски ПЕН центарall contents © Macedonian P.E.N.