ПОЧИНА ПОЕТЕСАТА СВЕТЛАНА ХРИСТОВА ЈОЦИЌ


         

Во својот дом во Скопје, нa 27 април ненадејно почина македонската писателка Светлана Христова Јоциќ. 

Јоциќ важеше за поетеса со ретка авторска интуиција, исклучителна имагинација и оригинален поетски говор чија што очудена метафорика ги поместуваше семантичките граници на литературниот јазик. Во македонскиот културен круг, неа ја доживуваа како синонимија за самата поезија. 

Светлана Христова Јоциќ е родена на 27 февруари 1941 година во Ресен. Дипломирала на Филозофски факултет во Скопје. Работела како новинар на Радио Скопје. 

Светлана Христова - Јоциќ долги години беше угледен член на Македонскиот ПЕН центар, а во Друштвото на писателите на Македонија членуваше и делуваше повеќе од четири децении, како секретар, претседателка на Друштвото, претседателка на Советот, главна уредничка на ревијата „Стожер“. 

Беше основач на манифестацијата ,,Празник на липите", а ја втемели и Меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“, беше нејзина долгогодишна и единствена претседателка и главна и одговорна уредничка на списанието „Портал“. Авторка е на повеќе од 20 книги и добитничка на наградите „Браќа Миладиновци“, „Ванчо Николески“, „Димитар Митрев“ и „Книжевен жезол“. 


  

СРЕДБА НА ПОЕТИ ОД МАКЕДОНСКИОТ И БУГАРСКИОТ ПЕН ВО СТРУМИЦА

струмица

Во рамките на годишната програма за одбележување на 50-годишнината на Македонскиот ПЕН, на 20 и 21 април во Струмица се одржа средба на поети од Македонскиот и Бугарскиот ПЕН центар. На поетската вечер настапија гостите од Бугарија Георги Константинов, Николај Инџов и Аксинија Михајлова, како и македонските поети Ристо Лазаров, Веле Смилевски и Санде Стојчевски.

Делегациите на двата ПЕН центра предводени од претседателите Ристо Лазаров и Георги Константинов ги утврдија на насоките на идната соработка, со заедничка заложба за јакнење на пошироката регионална соработка. Договорени се почести средби и заеднички акции, при што приоритет ќе добие преводот на антологиски избори од најновите остварувања во македонската и бугарската литература.

поети

Гостите од Бугарија ги посетија и манaстирите во Водоча и Вељуса кај Струмица, каде што имаа средба со митрополитот струмички г. Наум, а престојуваа и во Стар Дојран.

ПОЧИНА писателот ташко георгиевски

         

На 13 април во Скопје, во 77. година од животот почина истакнатиот македонски писател и академик Ташко Георгиевски. 


Ташко Георгиевски е роден 1935 година во село Кронцелево, Воденско, Егејска Македонија. Долги години работеше како уредник во Македонската телевизија, и како уредник во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Беше член на Македонскиот ПЕН центар, член на ДПМ и член на Македонската академија на науките и уметностите. 

Ташко Георгиевски зад себе остави богат и значаен прозен опус. Автор е на романите: „Луѓе и волци“, „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Исчезнување“, како и на збирките раскази: „Ние зад насипот“, „Суви ветрови“, „Куќа под калето“ и други. Автор е и на автобиографските записи „Плочата на животот“ и „Творечката лабораторија на писателот“. Романите „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ се филмувани и како такви имаа голем успех. Неговите дела се преведени на повеќе јазици во светот. 

Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Дијалог“ и други.

  

hosted by

Copyright © Macedonian P.E.N. Centre, 2004.
All rights resreved

created by